Системска и семејна психотерапија е главниот модалитет на психотерапија кој се користи во Центарот за самоактуализација ”Потенцијал – В”. Системска и семејна психотерапија е насочена на широк спектар на семејни проблеми.
Се базира на системско третирање на индивидуалниот проблем. На симптомите со кои клиентот се соочува, гледа како на проблем со кој се соочува цело семејство, а не само поединецот кој е носител на симптомот. Покрај истражувањето на важноста на структурната поставеност на семејните членови, нивната улога, хиерархиска поставеност, за да се разберат интерперсоналните релации, работи и на трансакционите процеси помеѓу семејните членови, субсистеми, постоечките обрасци и начините на организација на односите.
Системскиот приод во терапискиот процес , помага да се увиди меѓусебната зависност во однесувањето на членовите во семејството. Интеракциските обрасци помеѓу членовите се поврзани со однос акција – реакција помеѓу сите семејни членови. Имено, однесувањето на еден член во семејството е поврзано со реакцијата на друг член, во однос на првиот член, што за поврат ќе има реакција од првиот член и.т.н . и тоа е поврзано со однос реакција - акција и од другите членови во семејството.
Системскиот семеен пристап работи на деконструкција, промена на верувања и идеи кои придонесуваат за дисфункционални семејни релациски односи. Промена на обрасците на однесување, носи кон функционално семејство, нова динамика и исчезнување на симптомот. Семејниот систем е во постојано движење и промена. Минувајќи низ животните фази, се менува структурата и динамиката во семејството. Со тоа се менува улогата, идентитетот и искуството на секој член од семејството. Новите услови се стресни и може да предизвикаат криза и дестабилност на семејството. Kонцептот на семејниот развој во текот на минувањето на животните фази, e доживотен процес на социјализација, прилагодување и учење во рамките на семејството.
Преку насочување на семејната резилиентност, емоционалната поврзаност, комуникации кои поттикнуваат споделување на емоции и мисли во сигурна средина, поставување граници, почитување автономија, распределба на моќ и одговорност, и др., се работи на функционално прилагодување на семејството во животните фази, ускладеност на поединецот, семејството и средината во која живее. Наместо гледање на проблемот од една страна , се понудува нова перспектива, нов агол на перцепирање и доживување на проблемот. Тоа носи кон помрднување на семејниот систем за неколку степени и наоѓање решенија оптимални за семејството во дадениот момент (Де Шазер,С & Берг,И.К. )
Во зависност од потребата , сеансите се закажуваат еднаш неделно или на две недели . Една сесија трае 1 ч.
